Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) деновиве излезе со соопштение во кое ја изразува својата сериозна загриженост за состојбата и однесувањето на македонските државни претставници на саемот „Вино визија“ на „Отворен Балкан“ во Белград. СПМ изрази разочарување за лечењето лични фрустрации, комплекси и неедуцираност пред очите на јавноста со организирани настани финансирани со буџетски средства, што покрена неколку прашања.

Партијата ја истакна потребата од отчетност и транспарентност во користењето на буџетските средства за вакви настани и ги повика надлежните органи да ги преземат неопходните мерки

Патем, се очекува Владата конечно да собере храброст и да го објави начинот, намената и изворот на 400 илјади евра колку што минатата година се потрошени на винскиот саем, а веќе има потреба да даде одговор и за тековниот.

За овогодишниот Саем македонските владини вински дегустатори предводени од распеаниот Ковачевски потребно е да одговорат за вечерниот белградски хир за неколку стотини поканети, насловен како македонска вечер, со неколкумина специјално ангажирани готвачи, хостеси и повеќе илјади литри допремено македонско вино. Сето платено со пари на осиромашениот и гладен народ, велат од СПМ.

Од партијата порачуваат дека јавноста, секако треба да знае врз која основа, со која и каква постапка е ангажирана агенцијата која ја организира вечерата и врз која основа авансно и се исплатени почетни 80 илјади евра.

Особено е потребно јавноста да знае зошто и како токму Секретаријатот за европско прашања е носител на овие активности и страна која ја извршила исплатата. И воопшто која е обврската на СЕП да организира скандалозни мега вечери и дали воопшто има обезбедено наменски средства за таа цел.

Јавноста се прашува дали, на кој начин и со која постапка Министерството за земјоделство избрало оператор и склучило договор за автобуски превоз и сместување во Белград за триесетина македонски новинари. И дали воопшто постоела можност за отварање постапка.

Исто така Министерството за земјоделство и самиот министер Николовски потребно е да и дадат одговор на јавноста за начинот на изборот на операторот и за висината на трошоците за организација на пригодниот коктел и специјалната вечера за стотина наводно битни личности од винскиот сектор.

Како, кога и дали воопшто е спроведена јавна набавка, со кои средства и од кои извори ќе се изврши плаќањето, се вели во реакцијата на СПМ.

Оттаму велат дека додека македонските земјоделци немоќно ги очекуваат со години неисплатените субвенции, мнинистерот ги троши земјоделските пари за лични задоволства и за потребите на фирми и лица кои постојано го измамуваат и го ограбуваат чесниот земјоделски труд.

Владата и Министерството за земјоделство должни се да дадат одговор за бројноста на нивните делегации, оправданоста за присуство на секој од нив и износот на потрошените средства за превоз, сместување и дневници.

Социјалистичката партија на Македонија и укажува на јаноста и на надлежните институции дека овие денови од страна на однародената Влада на СДС и ДУИ се случува криминално рафрлање на буџетските средства и безмилосно трошење на народните пари во износ од најмалку 700 илјади евра без никакво почитување на законските обврски за јавни набавки и со очигледно ненаменско трошење.

Во Владата, СЕП и Министерството за земјоделство во серија се извршени криминални дејствија кои мора и ќе бидат предмет на истрага и одговорност, велат од СПМ.

Извор: Република