Во Македонија од почетокот на годината до 11 август се регистрирани 26 потврдени и веројатни случаи на Западно-нилска треска, од кои дури 13 се пријавени во последната недела. Центарот за јавно здравје Скопје прогласил епидемија во Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, а регистриран е и еден смртен случај.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, 25 од заболените се од скопскиот регион, а еден случај е регистриран во Велес. Најмногу заболени има во Кисела Вода, односно во Драчево, со 11 случаи, додека во Гази Баба се регистрирани шест. Според епидемиолозите, концентрацијата на случаите укажува на интензивна локална трансмисија на вирусот преку комарци.
Сите 26 пациенти развиле невроинвазивна форма на болеста, односно менингитис и/или енцефалитис, и биле хоспитализирани. Дваесет и пет се лекувале на Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје, а еден во приватната болница „Аџибадем Систина“. Најпогодени се постарите лица – 22 пациенти се над 60 години, а четворица се на возраст од 50 до 59 години, при што просечната возраст изнесува 66,6 години. Од заболените, 20 се мажи, а шест се жени.
Најголемиот бран е регистриран во јули, со 17 случаи, а трендот продолжува и во август. Регистриран е и еден смртен исход кај пациент од Скопје постар од 80 години, кој имал претходни коморбидитети и починал од менингитис предизвикан од вирусот.
Податоците на ИЈЗ покажуваат колку е изразен овогодишниот пораст. Од првата појава на Западно-нилската треска во Македонија во 2011 година до крајот на 2025 година биле регистрирани вкупно 54 случаи. Со сегашните 26 случаи, дури 32,5 отсто од сите инфекции регистрирани во изминатите 15 години се случиле само во првите осум месеци од 2026 година.
Поради влошената епидемиолошка состојба, ИЈЗ и Центрите за јавно здравје преземаат низа мерки. Матичните лекари, инфектолозите и невролозите се повикуваат да го земат вирусот предвид во диференцијалната дијагноза кај пациенти со фебрилни и невролошки симптоми, додека општините и ЦЈЗ треба итно да спроведат ларвицидно и адултицидно прскање против комарци. Се применуваат и посебни протоколи со Институтот за трансфузиона медицина за контрола на даруваната крв.
Бидејќи не постои специфична вакцина или терапија, главната заштита е спречување на каснувања од комарци. Се препорачува поставување мрежи на прозорците и вратите и избегнување престој на отворено во зори и самрак, кога комарците се најактивни. Во дворовите треба да се отстранат садовите, бурињата, старите гуми и другите предмети во кои се задржува застоена вода, а за лична заштита се препорачуваат облека со долги ракави и ногавици во светли бои и репеленти на откриените делови од телото.
При појава на висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, треска или општа слабост, се препорачува веднаш да се побара медицинска помош.
