Осум случаи на западно-нилска треска се потврдени во земјава од почетокот на годината, што е најголем број во последната деценија. Петмина пациенти со потврден вирус се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје, меѓу кои и 76-годишен скопјанец кој се наоѓа на интензивна нега и е на респираторна поддршка. За уште тројца пациенти се чека потврда од Институтот за јавно здравје.
Сите хоспитализирани пациенти се постари од 60 години и се од Скопје. Според епидемиолошките анкети, само двајца од заболените патувале во Грција, додека останатите не ја напуштале земјата.
Директорот на Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје, д-р Фадил Цана, изјави дека кај дел од пациентите има лесна клиничка форма, а во некои случаи болеста може да помине и без симптоми. Тој предупреди дека кај дел од пациентите е развиена најтешката, неуроинвазивна форма на болеста.
„Кај некои од пациентите има лесна клиничка форма дури има и асимптоматски облик на болеста. Најтешката форма е неуроинвазивната како што е кај овие пациенти, тоа е еден отсто од сите случаи, но за жал во нашава држава веќе се зачестуваат овие случаи и во тек како што кажав се кај тројца пациенти кај кои е утврдено и дијагностицирано воспаление на мозокот и мозочните обвивки, но во тек се лабораториските иследувања за сомнение дека може и кај нив тројца да се работи за инфекција на централниот нервен систем со вирусот западен нил“…
По зголемувањето на бројот на случаи со западно-нилска треска заседавала и Комисијата за заштита од заразни болести. Министерот за здравство, Сашо Клековски, потврди дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат добил насока да провери до каде се програмите за дезинсекција во општините.
„Во моментот е издадена насока до ДСЗИ да исконтролира стадиумите на дезинсекција во општините и според контролите сите значајни општини се со завршена програма на дезинсекција со исклучок на неколку помали општини кои во моментот не се поврзани и се далеку од потврдените случаи, случаите се во Велес и Скопје“….
Западно-нилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Болеста не се пренесува од човек на човек, освен во случаи на пренос преку трансфузија на крв или трансплантација на органи.
Од почетокот на годинава во земјава се регистрирани и четири случаи на маларија, три случаи на денга и еден случај на зика. Најголем дел од овие случаи се поврзани со патувања на Малдивите и во Занзибар.
Здравствените власти апелираат граѓаните кои патуваат во ризични подрачја да ги следат препораките за вакцинација и превентивна заштита.
