Во рамките на меѓународната полициска операција „CARBACK II“ насочена против кражбите, криумчарењето и нелегалната трговија со возила, полицијата провери 3.944 автомобили. Во акцијата беа одземени 67 возила, а две лица беа лишени од слобода.
Операцијата организирана од ИНТЕРПОЛ се спроведуваше од 28 септември до 9 октомври 2026 година, со учество на повеќе домашни полициски служби и државни органи.
Контролите се одвиваа на повеќе пунктови, гранични премини и критични точки на целата територија на државата.
„Во текот на оперативните активности извршени се 3.944 проверки на возила на повеќе контролни пунктови, гранични премини и критични точки низ државата“, велат од МВР.
Најголемиот дел, односно 55 одземени возила, се запленети поради сомнение за кривично дело за прикривање стоки што се предмет на криумчарење и царинска измама.
Три автомобили се конфискувани поради интервенции на идентификациските броеви на шасијата (VIN) и сомнеж за фалсификување исправи, додека четири се задржани поради царински прекршоци.
При проверките беа лоцирани и две возила кои биле предмет на меѓународна потрага од Германија поради измами поврзани со лизинг и затајување.
Едно возило е одземено поради сомнение за затајување, едно поради користење туѓи регистарски таблички и фалсификување исправи, а уште едно поради сомнеж за оштетување туѓи права.
Спроведени беа и инспекциски контроли кај 17 правни субјекти што вршат продажба на автомобили и половни делови, при што од дополнително прегледани 809 возила беа одземени 59.
Во акцијата учествуваа криминалистичката, граничната и униформираната полиција, единиците за организиран криминал, како и Царинската управа, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина.
Главната цел беше разбивање на криминалните групи вмешани во илегална трговија и кражби на возила, како и откривање финансиски, лизинг и осигурителни измами.
„Со учеството во оваа меѓународна операција, Министерството за внатрешни работи ја потврдува посветеноста на континуираното унапредување на меѓународната и меѓуинституционалната соработка, размената на оперативни информации и заедничкото дејствување во откривањето и сузбивањето на организираниот и прекуграничниот криминал“, наведуваат од Министерството.
