Муцунски: Се адаптираме на состојбата, првата група ќе биде пренесена во Скопје во текот на денот

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера соопшти дека 28 државјани на Северна Македонија досега побарале евакуација од Израел, поради ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток. Првата група, составена од осум лица, меѓу кои четири деца, денеска треба да пристигне во Скопје, со владиниот авион преку Египет, придружувани од безбедносен конвој.

„Веднаш по добиените информации за ескалацијата, Министерството започна со активности за евакуација преку нашата амбасада во Израел“, изјави Муцунски. Тој нагласи дека Амбасадата во Тел Авив е во постојана комуникација со граѓаните, а персоналот е на безбедна локација.

Прва фаза преку Шарм ел Шеик – втора група ќе замине кога ќе се воспостави редовен сообраќај

Според министерот, првата фаза на евакуацијата се реализира преку Египет, а патот води од Тел Авив до Шарм ел Шеик, па потоа со авион кон Скопје. Персоналот од амбасадите во Тел Авив и Каиро обезбедува логистика, документација и организација на конвојот. „Се работи и на можноста за заеднички конвој со неколку други држави, заради поголема безбедност“, рече Муцунски.

„Втората група ќе биде префрлена веднаш штом се воспостави редовен авионски сообраќај со Тел Авив“, додаде министерот.

Мицкоски: Владиниот авион е ангажиран, планот е евакуацијата да заврши до утре

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека владиниот авион е подготвен и активиран, со цел да се пренесат државјаните на Северна Македонија од Израел до безбедна територија. „Секојдневно сум во комуникација со министерот Муцунски. Очекувам до утре да заврши евакуацијата на првата група“, изјави Мицкоски.

Кризни контакти за граѓаните, апел за воздржаност од патувања

Во исто време, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) апелира сите наши државјани кои се наоѓаат во Израел и Иран, да се воздржат од патувања, а доколку имаат потреба од конзуларна помош, да стапат во контакт со надлежните служби преку СОС линиите.

Контакт телефони и е-пошта:

  • Амбасада во Тел Авив: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546

  • globalsos@mfa.gov.mk

  • МНРиНТ: +389 75 273 732 / +389 75 268 736

Кризниот штаб на МНР работи 24 часа и е достапен за сите граѓани на кои им е потребна поддршка.