Почеток на процес за чистење и одгасување на депонијата Вардариште
Во Скопје започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште, како дел од најавите за нејзина трансформација во зелен простор. Процесот следи по спроведена физибилити студија и претставува прва фаза од пошироката интервенција на локацијата.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека се работи за реализација на претходно дадено ветување кон граѓаните.
„Дадениот збор пред граѓаните е обврска која мора да се исполни“, порача тој.
Тој информираше дека на терен се започнати активности за одгасување на депонијата и контрола на гасовите што со години се акумулирале.
„Како што ветив, по спроведената физибилити студија, денес започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште“, изјави Ѓорѓиевски.
Мапирање на 22 точки и лабораториски анализи
Според информациите, на локацијата се мапирани 22 точки, односно бунари за собирање на отпадни гасови. Овие гасови се наталожувале со години на просторот на депонијата.
Од сите бушотини ќе се земаат примероци, кои ќе бидат испратени на анализа во сертифицирани лаборатории. Целта е прецизно утврдување на количината и составот на гасовите.
„Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место“, наведе градоначалникот.
Паралелно со ова, се спроведува и површинско расчистување на депонијата, како дел од поширокиот процес на санација.
Најава за мега парк и нова инфраструктура
Од Град Скопје најавуваат дека Вардариште ќе биде трансформирано во голем зелен парк. Просторот е планиран да зафаќа околу 300.000 метри квадратни.
„Вардариште, почитувани, ќе стане минато“, изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека локацијата ќе добие нова намена.
Тој посочи дека просторот ќе биде претворен во мега парк, кој ќе претставува нова зелена зона за градот.
„На ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје“, изјави тој.
Според најавите, ќе се гради и мост што ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром. Со тоа, како што се наведува, ќе се намали сообраќајниот метеж и ќе се подобри градската поврзаност.
„По завршувањето на целиот процес, ќе изградиме и мост кој ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром“, рече Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје порачуваат дека проектот претставува чекор кон поздрава животна средина и нов урбан концепт на градот.
