Дирекцијата за заштита и спасување објави јавен повик за ангажирање поранешни припадници на Полицијата, Армијата и противпожарните единици, кои организирано ќе учествуваат во гаснењето пожари на отворен простор и шумски пожари.
За тримесечниот ангажман во текот на летниот период е предвиден паричен надоместок од вкупно 132.000 денари, односно 44.000 денари нето месечно. Ангажирањето ќе се реализира преку договор на дело, а на пензионираните лица нема да им биде прекината исплатата на редовната пензија.
Кандидатите треба да имаат најмалку пет години искуство
На повикот може да се пријават лица со најмалку пет години работно искуство во Полицијата, Армијата или противпожарните единици, без разлика дали се пензионирани или ги напуштиле службите поради други причини.
Кандидатите треба да бидат во добра здравствена и психофизичка состојба, соодветна на нивната возраст.
Повикот се однесува на три позиции: возачи на специјални противпожарни возила, оператори на противпожарните пумпи вградени во возилата и оператори со противпожарни водни ранци и метли.
За гаснење на пожарите ќе се користат 22 возила „пинцгауер“, пет „хермелини“ и 15 оклопни транспортери БТР, пренаменети во противпожарни возила.
Работното време ќе зависи од состојбата на теренот
Во соопштението потпишано од директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, се наведува дека работното време ќе биде флексибилно и приспособено на потребите за справување со пожарите.
Ангажираните лица ќе излегуваат на терен во деновите кога ќе има зголемен број пожари и ќе остануваат сè додека постојат потреба и услови за интервенција. Користењето на слободните денови ќе се договара во согласност со состојбата на теренот и потребите на ангажираните лица.
Од ДЗС посочуваат дека ќе бидат обезбедени доволно слободни денови за лицата да можат да го искористат однапред планираниот летен одмор.
Обезбедени прегледи, обука и заштитна опрема
Дирекцијата ќе ги организира потребните здравствени прегледи и основната проверка на психофизичката состојба на кандидатите. Пред нивното испраќање на терен, тие ќе поминат кратка противпожарна обука и ќе добијат униформа и неопходна заштитна опрема.
Најпрво ќе бидат вклучени во гаснење полесни и поедноставни пожари, а потоа, доколку има потреба, ќе обезбедуваат поддршка на локалните сили при други пожари на територијата на Македонија.
Пријавувањето се врши електронски, на адресата dzs@dzs.gov.mk. Заинтересираните треба да достават име и презиме, кратка работна биографија и телефонски број за контакт.
