Времето утре ќе биде променливо облачно низ целата држава, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи во својата најнова временска прогноза.
Во одделни котлини во утринските часови ќе се создадат услови за појава на магла. Во текот на денот ќе дува умерен, а на одредени места повремено засилен ветер од јужен правец.
Утринските температури ќе се спуштат најниско во Берово, каде се очекуваат 6 степени, додека максималната дневна температура ќе достигне до 21 степен во Гевгелија и во Демир Капија.
Во Скопје и околината времето ќе се задржи претежно облачно, при што во делови од котлината ќе има утринска магла, проследена со умерен ветер од јужен правец.
Метеоролозите најавуваат период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет во наредните денови.
Во котлините и понатаму ќе постојат услови за утринска магла што ќе ја намалува видливоста.
Во петок нѐ очекува релативно топло време со дневни температури кои ќе бидат значително над просечните вредности за овој период од есента. Истиот ден ќе дува силен јужен ветер, кој на одредени локации ќе надминува брзина од 80 километри на час.
Веќе од сабота, под влијание на продор на значително постудена воздушна маса што доаѓа од север, температурите ќе забележат позначителен пад, најавуваат синоптичарите.
