Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на целата држава. Акцијата беше реализирана во периодот од 08:00 до 13:00 часот, а фокусот беше ставен врз откривање и санкционирање на прекршоците што ги прават пешаците, како и прекршоците на возачите во однос на пешаците, при што беа констатирани и казнети вкупно 221 прекршок.
Од вкупниот број на евидентирани прекршоци, дури 147 се однесуваа на небезбедно преминување на коловозот од страна на пешаци надвор од обележан пешачки премин. Во истиот период, 25 возачи беа санкционирани поради непочитување на обврската за пропуштање пешаци на обележан пешачки премин.
За време на петчасовната контрола на патиштата, полициските службеници изрекоа казни и за дополнителни 179 возачи поради извршени други видови сообраќајни прекршоци. Од полицијата најавуваат дека ваквите сообраќајни контроли ќе продолжат со засилен интензитет и во наредниот период низ сите градови.
Надлежните упатија апел до пешаците да го преминуваат коловозот исклучиво на обележаните пешачки премини, а од возачите побараа строго приспособување на брзината на движење со цел да се овозможи непречено и безбедно движење на пешаците.
„Безбедноста на пешаците е заедничка одговорност. Само со доследно почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници можеме да придонесеме за побезбедни патишта и намалување на бројот на сообраќајни незгоди“, посочуваат од МВР.
