Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат ќе продолжат внимателно да ги следат движењата на цените и нема да дозволат неоправдани поскапувања на товар на граѓаните.

Ова било порачано на работната средба што денеска ја одржаа министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски со претставници на производителите и дистрибутерите.

На состанокот биле презентирани резултатите од најновата анализа на движењето на набавните и продажните цени, како и на бруто-профитните маржи кај најмалку 700 производи.

Од Министерството посочуваат дека до сите економски оператори било испратено јасно предупредување дека институциите будно ќе ги следат промените на цените и дека нема да толерираат неосновани поскапувања.

Според анализата, кај најголемиот дел од економските субјекти не се забележани значителни промени во профитните маржи. Сепак, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат најавуваат дека ќе продолжат со засилени инспекциски контроли и ќе преземат соодветни мерки доколку бидат утврдени злоупотреби или неоправдано зголемување на цените.