Облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни, а на планините од снег, ќе преовладува во текот на утрешниот ден. На одредени места за 24 часа ќе наврнат над 30 литри дожд на квадратен метар, а со продорот на постуден воздух од север, попладне врнежите на некои од повисоките места ќе преминат во снег.

Ќе дува умерен ветер, кој наместа во североисточните делови и долж Повардарието повремено ќе засилува и ќе достигнува силен интензитет.

Утринските температури ќе се движат од 0 степени во Маврово до 10 степени во Гевгелија, додека дневните ќе бидат во интервалот од 3 до 12 степени.

Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови дождот да премине во снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој во делови од котлината повремено ќе засилува, а температурата ќе се движи од 7 до 8 степени.

Во недела времето ќе биде облачно со повремени локални врнежи, претежно од снег. Во пониските места долж Повардарието се очекуваат врнежи од дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат, а ќе дува умерен северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува.

Минималните температури ќе се движат од -2 до 7 степени, а максималните ќе достигнат од 0 до 8 степени.

Според прогнозата, во понеделник нè очекува променливо облачно и студено време, проследено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Утринските температури во понеделник ќе се спуштат до -7 степени, а ќе се движат до 2 степени, додека дневните ќе бидат во интервалот од -2 до 6 степени.