Москва и Киев соопштија дека деминирањето на областа околу градот Олешки во јужна Украина, кој се наоѓа под руска контрола, е целосно завршено. Со ова се овозможува почеток на хуманитарната операција за доставување помош и евакуација на преостанатите цивили. Напорите за организирање поддршка за жителите траат веќе неколку недели, особено по договорениот прекин на огнот во чие посредување учествуваше американската прва дама Меланија Трамп.
Официјалните претставници на двете земји објавија речиси идентични соопштенија во врска со отворањето на безбедносните коридори за цивилното население.
„Деминирањето на рутите за хуманитарната мисија до Олешкив е завршено. Хуманитарниот конвој е подготвен за заминување“, соопштија руската комесарка за човекови права Јана Лантратова и нејзиниот украински колега Дмитро Лубинец.
Хуманитарниот конвој е планирано директно да се упати кон градската болница, при што граѓаните кои сакаат да ја напуштат зоната ќе имаат прецизно утврден временски рок за безбедно заминување. Веднаш потоа ќе следи дистрибуција на основни пакети со храна и лекови за населението кое останува во своите домови. Градот Олешки се наоѓа во воена зона од февруари 2022 година и претрпе огромни материјални разурнувања.
Рускиот претседател Владимир Путин за време на средбата со африканските претставници во Москва потврди дека испораката на хуманитарните пратки започнува во четврток и петок, потенцирајќи ја притоа улогата и поддршката од сопругата на американскиот претседател. Украинскиот комесар Лубинец упати посебна благодарност до Меланија Трамп за нејзиниот личен ангажман и внимание посветено на спасувањето на цивилното население.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп упати критики кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го пречка за мирот, додека истовремено посочи дека официјална Москва покажува подготвеност за разгледување решенија за кризата. И покрај најавите за обновување на дипломатските преговори следниот месец во Абу Даби, позициите на завојуваните страни околу условите за крај на војната остануваат длабоко раздвоени.
Договорениот прекин на огнот засега се применува исклучиво за Олешки и дел од Херсонската област, подрачје кое со месеци беше под постојани артилериски напади и удари од беспилотни летала. Проценките покажуваат дека во градот моментално живеат околу 1.500 жители во екстремно тешки услови, во споредба со предвоената популација од 24.000 луѓе. Киев претходно ја обвинуваше Москва за блокада на хуманитарните коридори, додека руската страна тврдеше дека украинските мини и гранатирања го оневозможувале безбедниот пристап.
До средината на денот нема регистрирано прекршувања на договореното примирје кое треба да трае до недела. За цивилите кои ќе одлучат да заминат кон териториите под украинска контрола, предвидена е сложена транзитна рута која води преку Крим и јужниот дел на Русија, со авионски трансфер преку Белорусија до украинската граница.
