Здравствените власти во Уганда денеска објавија дека завршила најновата епидемија на ебола во земјата, откако помина периодот предвиден според правилата на Светската здравствена организација (СЗО) без појава на нови случаи.

Епидемијата беше прогласена во средината на мај, а според британските медиуми, од тогаш во оваа источноафриканска земја починаа две лица како последица на вирусната хеморагична болест.

Последниот пациент заразен со ебола во Уганда беше отпуштен од болница на 16 јули. По неговото закрепнување започна 42-дневното одбројување, што е услов според упатствата на СЗО за една земја официјално да може да биде прогласена за ослободена од вирусот.

Во текот на последната епидемија, Уганда регистрираше вкупно 20 случаи на ебола.

Во соседната Демократска Република Конго, пак, бројот на пријавени случаи беше значително поголем, со повеќе од 2.400 заразени лица.