Француската полиција истражува шокантен случај откако во семејна куќа во Оранж, на југот на Франција, беа пронајдени телата на пет новороденчиња. Откритието било направено само еден ден откако мајката родила здраво дете, а случајот го презела криминалната полиција од Авињон.
Според информации од извор близок до истрагата, телата на бебињата биле откриени во картонски кутии. Францускиот весник „Ле Паризиен“ објави дека жената, родена во 1994 година, вчера вечерта го родила своето трето живо дете. Станува збор за уште една бременост што, според истите информации, ја криела, а наводно тоа е трет ваков случај. Нејзиниот сопруг не бил дома кога таа поради болки во стомакот заминала во болница.
Претходно сопружниците се расправале околу содржината на неколку кутии во куќата. Откако останал сам, мажот решил да ги отвори, при што во една од нив пронашол тело во распаѓање.
Тој ја однел торбата со пронајденото тело во болницата, по што медицинскиот персонал веднаш ги известил надлежните судски органи. Криминалната полиција од Авињон потоа извршила претрес во семејниот дом, каде што истражителите пронашле повеќе човечки остатоци што личат на фетуси. Тие биле складирани во пластични кеси сместени во картонски кутии.
Брачната двојка има уште две деца, на возраст од осум и дванаесет години. Мажот е вработен, додека жената е домаќинка. Соседите и познаниците ги опишуваат како семејство без претходни проблеми или инциденти.
Канцеларијата на државниот обвинител во Карпентрас засега не се огласила со официјално соопштение. Жената сè уште се наоѓа на болничко лекување и не е официјално уапсена.
