Денес ќе биде втор ден од расправата по Ребалансот на буџетот за 2022 година. Од она што можеше да го види и слушне македонската јавност очигледно е дека пратениците од владеачкото мнозинство не живеат во реалноста. Овој ребаланс е директен доказ за тоа дека Македонија е на раб од банкрот, економски разрушена, испокрадена и земја во која на дневна основа граѓаните осиромашуваат, изјави денеска Игор Здравковски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Посочи дека Македонија во 2022 година ќе пробие уште една психолошка граница и јавниот долг ќе надмине 8 милијарди евра.

-Ако на 48% јавен долг СДСМ велеа дека не чека грчко сценарио, сега какво сценарио не чека? Македонија е една од земјите која има највисок пораст на јавниот долг од периодот пред корона кризата. Од кога се дојдени на власт, јуни 2017, па до крајот на оваа година ќе направат нов нето долг од над 3,5 милијарди евра, а капиталните расходи никогаш не биле пониски. Владата со ребалансот ја намалува проекцијата за економскиот раст од 4,6% на 3,2%, но она што не успеваат да ја убедат јавноста е дека и тие проекции ќе ги оставарат. Еве да го земеме првиот квартал од 2022 година, економски раст 2,4%, а сеуште не се почуствуваа последиците од војната во Украина. Каде е вториот квартал и втората половина од годината? Дали некој верува дека оваа Влада е способна да креира економска политика за раст и развој? За јавноста една споредба со земјите од регионот за прв квартал: растот во Србија е 4,4%, во Бугарија 5%, Романија 6,5%, Словенија 9,8%, Хрватска 7%., вели Здравковски

Во оваа прилика, вели пратеникот, би сакал да споделам една изјава од претседателот на една стопанските комори околу владините мерки за поддршка на бизнис секторот, каде што вели:

-Ние треба отворено да кажеме дека државата се наоѓа во тешка ситуација, нешто што го повторувам изминатите шест месеци и барам сериозна акција околу тоа. Имаме неколку состојби коишто дефинитивно констатирани можат многу тешко да ја погодат економската активност и да дојде до затворање на компаниите и намалување на работните места. Чуствуваме дека Владата не е насочена кон фирмите, мислиме дека тој пат не е добар. Мора да се задржи економската активност затоа што без тоа, со затворање на капацитетите ќе создадеме поголем гап кој во ваква неизвесност која претстои може да биде катастрофален.

-И ова е реалноста. Нека не се обидуваат од власта да замајуваат. Реалниот сектор е на раб до колапс, а власта нема слух. Власта нема слух ни за синдикатите, нема слух ни за здравствените работници, власта нема слух за никој освен за своите апетити. Претстојат тешки месеци за граѓаните и стопанството. Во исчекување сме за колку проценти повторно ќе поскапи струјата, а со тоа и на сите други производи. Со оваа власт на ДУИ и СДСМ кризата само ќе се продлабочува и тие не знаат како да се справат со истата. Со ребалансот ништо нема да се промени на подобро, напротив, Македонија ќе продолжи да тони уште повеќе. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро за доброто на граѓаните и иднината на државата, нагласув Здравковски.