Нема регистрирани случаи во земјава

Од Институт за јавно здравје информираат дека во моментов во Македонија не се регистрирани случаи на хантавирус, ниту пак има патници или блиски контакти поврзани со земјава. Оттаму додаваат дека засега нема никакви индикации за ризик по јавното здравје.

СЗО: Ризикот за јавноста останува многу низок

Светска здравствена организација соопшти дека ризикот од хантавирус за пошироката јавност е многу низок, и покрај епидемијата на крузерот „MV Hondius“. На бродот починале три лица, додека неколку други биле заразени. Станува збор за брачен пар од Холандија и жена од Германија, а случаите се поврзани со варијантата „Анд“, која е единствениот вид што може да се пренесува од човек на човек.

Ограничена заразност и контролирана ситуација

Портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, посочи дека вирусот не се пренесува лесно меѓу луѓето, нагласувајќи дека дел од лицата кои биле во близок контакт со заразените не се разболеле. Во меѓувреме, стјуардеса на KLM која била во контакт со заразен патник добила негативен тест, што дополнително ја смирува ситуацијата. Се очекува бродот „MV Hondius“ да пристигне во Тенерифе во недела, при што шпанските власти најавија дека нема веднаш да биде закотвен во пристаништето.