Американскиот документ за безбедносни гаранции за Украина е целосно подготвен и Киев чека време и место за негово потпишување, изјави денеска во Вилнус украинскиот претседател Володимир Зеленски.

-За нас, безбедносните гаранции се, пред сè, безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави. Документот е 100 проценти подготвен и чекаме нашите партнери да го потврдат датумот и местото кога ќе го потпишеме, изјави Зеленски пред новинарите за време на официјалната посета на Литванија.

Тој додаде дека по потпишувањето, документот ќе биде испратен до американскиот Конгрес и украинскиот Парламент за ратификација.

Зеленски денеска со литванскиот претседател Гитанас Науседа разговараше за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.

На состанокот се разговарало и за заедничките одбранбени проекти и предлозите на Литванија за отворање платформа за извоз на оружје во Вилнус. Зеленски, исто така, рече дека го информирал Науседа за состаноците на украинската, американската и руската делегација во Абу Даби.

-Украина, како и секогаш, прави сè што е можно од своја страна за да ја заврши војната, рече Зеленски.