Украинскиот претседател Володимир Зеленски заедно со својата делегација пристигна на Флорида, каде што треба да одржи разговори со Доналд Трамп, а во пресрет на средбата доби поддршка од европските лидери и од Канада, пренесуваат меѓународните медиуми.

Според информации од европски дипломатски кругови, Зеленски им порачал на лидерите на Европската Унија дека Украина би можела да размисли за повлекување од одредени позиции само доколку бидат исполнети строги безбедносни и политички услови. Притоа нагласил дека Киев не може да прифати решение кое не обезбедува долгорочна безбедност и стабилност за земјата.

Во исто време, рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека руските сили зазеле два украински града – Мирноград и Гуљајпоље. И Киев и Москва и денес известуваат за напади врз енергетски постројки, што дополнително ја усложнува состојбата на терен.

Зеленски повтори дека Украина „прави сè што може“ за постигнување мир, но посочи дека конечната одлука не зависи исклучиво од Киев, туку и од подготвеноста на меѓународните партнери да обезбедат цврсти безбедносни гаранции.