Засега, земјите мора да продолжат да ја користат вакцината на АстраЗенека против Ковид-19, соопшти Светската здравствена организација, откако голем број земји престанаа да ја користат поради страв од згрутчување на крвта.
– Не сакаме луѓето да паничат и засега би препорачале земјите да продолжат да вакцинираат со АстраЗенека, изјави главната научничка на СЗО, Сумија Суминатан, на брифинг со новинарите.
Засега не откривме поврзаност меѓу овие настани и вакцината, додаде таа.
Претходно, шефот на Светската здравствена организација рече дека експертите на агенција за безбедност на вакцини ќе се состанат утре за да разговараат за вакцината на АстраЗенека откако голем број земји престанаа да ја користат поради страв од згрутчување на крвта.
– Советодавниот комитет за безбедност на вакцините на СЗО ги разгледува достапните податоци, тесно соработува со Европската агенција за лекови и ќе се состане утре, рече на брифинг со новинарите Тедрос Аданом Гебрејесус.