Жестоки реакции има во Тирана по изјавата на премиерот Еди Рама дека северот на Косово е „ничиј“.

Пратеникот на Демократската партија, Сали Бериша, изјавите на Рама ги нарече анти-албански.

„Не постои поанти-албанска и поодвратна изјава од оваа. Зошто го положи животот Африм Буњаку? Каде беше убиен тој? Убиен е на северот на Косово за таму да владее редот, законот. Што можеш да речеш за овој „министер за криминал“ кој даде таква изјава која е во потполна хармонија со својот патрон Александар Вучиќ, а сега сака да го прикрие ова со срамна резолуција“, рече Бериша.

За други политичари, изјавата е скандалозна.

„Вчерашната изјава дека северот на Косово е ничија земја е скандалозна. Северниот дел на Косово е територија на Косово за која загинаа 1.500 деца. Мораме да го осудиме нападот на Србите за анектирање на Косово“, рече Рамадан Ликај, пратеник на Демократската партија.

Но, според министерот за одбрана Нико Пелеши, весникот „Фајненшл тајмс“ ја коригирал изјавата на Рама и затоа, како што рече, не треба еден лапсус на весник да стане предмет на ваква дебата.

Во Бањска на Косово неодамна имаше престрелка меѓу вооружена српска група и косовската полиција. Загина еден косовски полицаец и четворица Срби.

Србија тврди дека теророт на косовскиот премиер Албин Курти е причина за нападот, а Косово пак обвинува дека Белград стои зад групата.

Извор: Faktor.mk.