ВМРО-ДПМНЕ е згрозена од морбидните и нечовечки пораки кои се шират од профил кој во јавноста се поврзува со структури блиски до Венко Филипче и СДСМ, се вели во соопштение на партијата.
„Во време кога целото општество се простува од големиот македонски актер Гоце Тодоровски, крајно вознемирувачки и неприфатливо е некој да се радува на неговата смрт, а истовремено да упатува пораки со кои посакува смрт на други луѓе, во случајов на Богдан Илиевски.
Написот на објавената фотографија од актерските великани Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски и Богдан Илиевски, на кој се вели дека двајцата, сега веќе покојни глумци, „двајца долу, уште еден остана”, е јасна морбидна порака за посакување смрт на млад човек, јавна личност и новинар.
Ова не е политика, ова е дно на човечноста и опасен говор на омраза кој не смее да се премолчи или да се релативизира. Бараме надлежните институции веднаш да реагираат и да постапат согласно законите за да го истражат случајот и да го идентификуваат профилот.
Од друга страна, очекуваме и Венко Филипче и раководството на СДСМ јавно да се оградат од ваквите морбидни пораки кои доаѓаат од профили, зад кои стојат луѓе блиски до нив. Никој не смее да биде над законите и за ваквите постапки мора да има одговорност, без разлика кој стои зад нив и на која политичка опција ѝ припаѓа“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
