Жена од Врање останала без повеќе од 24.000 евра откако станала жртва на телефонска измама. Измамниците ја убедиле дека нејзината ќерка е повредена во Шпанија и дека итно мора да обезбеди пари.
Според информациите од полицијата, жената добила повик од непознат број, по што измамникот ѝ дал инструкции како да постапи. Таа, верувајќи дека се работи за итна ситуација, пред зграда оставила црна кеса во која имало 23.000 евра и 240.000 динари.
По пријавувањето на случајот, полицијата презела мерки и парите биле пронајдени кај двајца државјани на Македонија при обид да ја преминат границата од Србија кон Македонија.
Против осомничените ќе биде поднесена кривична пријава за измама.
Од полицијата информираат дека во истиот ден уште пет лица од Врање пријавиле дека добиле слични повици од непознати броеви, но навреме ја прекинале комуникацијата и не предале пари.
Надлежните повторно апелираат граѓаните да бидат внимателни при вакви повици и никогаш да не предаваат пари на непознати лица без претходно да ја проверат информацијата преку директен контакт со блиските или со институциите.
