Оставка непосредно пред отворањето на изложбата

Жирито на Меѓународната уметничка изложба на Венециското биенале поднесе оставка само неколку дена пред официјалното отворање, закажано за 9 мај. Овој потег предизвика сериозна криза во еден од најзначајните светски настани за современа уметност.

Организаторите засега не ја објавија официјалната причина за оставката.

Контроверзии околу учеството на држави

Оставката следува по засилени контроверзии поврзани со учеството на Русија и Израел. Петчленото жири, предводено од бразилската кураторка Соланж Фаркас, претходно соопшти дека нема да разгледува дела од земји чии лидери се соочуваат со обвиненија пред Меѓународниот кривичен суд.

„Во одбрана на човековите права“, нема да ги разгледува делата од земји чии лидери се соочуваат со обвиненија пред Меѓународниот кривичен суд, стои во нивната претходна изјава.

Одлуката се однесува на Русија и Израел, по налози за апсење издадени од судот во Хаг.

Реакции, политички притисоци и најавени мерки

Одлуката на жирито предизвика остри реакции, меѓу кои и обвинувања за дискриминација од дел од учесниците. Израелскиот уметник Белу Симион Фаинару најави можни правни чекори.

Дополнителни тензии се појавија уште во март, кога беше најавено повторно учество на Русија по 2022 година. Европската комисија предупреди на можно укинување или суспендирање на финансиска поддршка од два милиони евра.

Директорот на Биеналето, Пјетранџело Бутафуоко, одби да попушти под политички притисоци. Тој истакна дека настанот треба да остане простор за дијалог и без цензура.

Организацијата најави и промени во системот на гласање. Посетителите годинава ќе можат да гласаат за делата, вклучително и за оние од Русија и Израел. Доделувањето на наградите „Златен лав“ и „Сребрен лав“ е поместено за крајот на настанот во ноември.