Зибери најмногу критики упати за прекршување на човековите права за граѓаните без државјанство. Тој побара итно да се донесе најавениот нов закон.
-Недозволиво е лица што се родени во земјата, врзани се по сите елементи и критериуми што ги предвидува Европската конвенција за државјанство, да бидат лишени од ова право. Посебно што во одредени семејства лица под одредени околности на време се стекнале со државјанство и документи, а други лица од истите семејства останале без државјанство од непознати причини – изјави Зибери.
Тој додаде дека големи проблеми создало издавањето на изводи од матичната книга на родени по електронски пат. Како што истакна тој, не се почитува рокот за изготвување и издавање на изводи, па наместо неколку дена граѓаните чекаат за електронски изводи по неколку месеци. Во однос на недоволна соработка со институциите, Зибери се пожали од Обвинителството за организиран криминал, како и од Собранието.
-Од Собранието не сме задоволни во смисла на тоа дека еве, на пример, поднесовме барање за определување субјекти кои се дел од механизмот за граѓанска контрола, бидејќи им е истечен рокот. И се уште не сме известени дали тие ќе останат, ќе се изберат ли нови субјекти за да се комплетира механизмот за граѓанска контрола, што е еден од новите надлежности дадени на Народниот правобранител, а за кои очигледно има интерес не само од невладините , туку и од меѓународните организации и амбасадите – посочи Зибери.