Светски познатиот кинематографер од Полска, Лукас Жал, е годинешен добитник на престижната златна „Камера 300“, која претставува највисоко признание што го доделува Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Награденото остварување со кое Жал се истакна во овогодишната конкуренција е меѓународниот копродукциски филм „Татковина“, кој носи длабока приказна за односот меѓу Нобеловецот Томас Ман и неговата ќерка Ерика во виорот на Студената војна во 1949 година.
Во своето видео обраќање до публиката и организаторите, годинешниот лауреат упати искрени благодарности до стручното жири, кое оваа година работеше под претседателство на славниот оскаровец Воли Фостер. Жал нагласи дека неговото отсуство на свеченоста се должи исклучиво на претходно преземени професионални обврски, но воедно најави и своја скорешна посета на Битола, испраќајќи им честитки и на останатите добитници на фестивалските признанија.
Имавме одлична конкуренција, квалитетни филмови, имавме публика, а меѓу нив најмладите, децата кои треба да ги учиме да го сакаат филмот, да ја сакаат кинематографијата. Имавме рекорден број на мастер класови и работилници со кинематографери и автори од филмската индустрија со кои можевме да разговараме со часови во само седум дена и јас сум горд на тоа
– изјави директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Според традиционалната востановена програма на фестивалот, сребрената „Камера 300“ заслужи кинематограферот Жонџијанг Лианг од Кина, додека бронзеното одличје му припадна на данскиот кинематографер Паул Шпенгеман. Исто така, железната „Камера 300“ ја подигнаа Максим Катари за остварувањето „Магарешка убавина“ и Бенџамин Ечазарета за филмот „Кракатоа“. Малата „Камера 300“ замина во рацете на Хулијам Амару за филмот „Таму на небото“, додека кристалната „Камера 300“ и беше доделена на Милда Јоудвалките од Литванија за нејзината работа на филмот „Покрај ридот на Наполеоновиот шешир“.
