Од партијата велат дека новата платформа на СДСМ не нуди суштински промени
Движењето ЗНАМ упати критики кон новата политичка платформа на СДСМ претставена на партискиот конгрес под слоганот „Твоја држава, твоја шанса“, оценувајќи дека станува збор за обид старите политики да бидат претставени како нов почеток.
Од ЗНАМ посочуваат дека конгресот бил промовиран како старт на нова политичка етапа, со најави за нова енергија и нова понуда за граѓаните, но според нив, пораките што биле испратени не содржат конкретни решенија.
„Празни флоскули“ и „политичко дежа ву“ се дел од оценките што ги изнесуваат од партијата, додавајќи дека најавените шест столба на платформата претставуваат политички формулации без реална содржина и практична поткрепа.
Го проблематизираат слоганот и потсетуваат на претходните ветувања
Во реакцијата се поставува прашањето колку можности биле искористени во периодот кога СДСМ ја имала политичката одговорност во државата.
Според ЗНАМ, во тој период биле пропуштени важни шанси, а политиките што се спроведувале довеле до слабеење на државните позиции, националниот интерес и довербата во институциите.
Од партијата потсетуваат и на претходните слогани на СДСМ, меѓу кои „Живот за сите“ и „Нема правда – нема мир“, оценувајќи дека тие останале поврзани со големи ветувања и ограничени резултати.
Во соопштението се споменуваат и повеќе случаи и контроверзии поврзани со поранешни функционери на СДСМ, како златните визи, патувањата во Дубаи, набавките на вакцини и ветувањата за борба против криминалот и корупцијата.
ЗНАМ оценува дека СДСМ денес ги губи политичките контури и националниот компас, додавајќи дека наместо да биде фактор на внатрешна кохезија и заштита на државниот интерес, сè почесто промовира позиции кои, според нив, се блиски до бугарските политички ставови.
Од партијата порачуваат дека граѓаните очекуваат одговорност, резултати и функционални институции, а не нови слогани и политички ветувања.
„За Движењето ЗНАМ, Македонија останува трајна државна обврска. Нашата политика е насочена кон заштита на институционалниот интегритет, јакнење на државниот капацитет и безусловно почитување на македонскиот државен и национален интерес“, наведуваат од партијата.
Според ЗНАМ, европска Македонија може да се гради само преку стабилни институции, достоинство и јасна државна самосвест.
