Крилниот напаѓач на Пари Сен Жермен, Квича Кварацкелија, сподели емотивна порака откако доживеа тешка повреда во победата од 4-2 над Барселона во Лигата на шампионите. Грузискиот фудбалер се соочува со долга пауза надвор од фудбалските терени.

Деталните медицински прегледи покажаа дека грузискиот интернационалец има скинати предни вкрстени лигаменти на десното колено. Поради сериозноста на повредата, тој наскоро ќе мора да се подложи на хируршка операција, по што ќе започне долг и макотрпен процес на рехабилитација и опоравување.

Фудбалерот на францускиот клуб преку социјалните мрежи испрати потресна порака, опишувајќи ги своите чувства по несреќниот момент на теренот.

„Пред секој натпревар, му се молев на Бога да ме остави да го напуштам теренот здрав и неповреден, но залудно. Не помина многу време, но едно прашање постојано ми се мота во главата: зошто јас? Веројатно никогаш ништо не сум оставил на случајот. За овој натпревар се подготвив подобро од кога било. Мислев дека сум подготвен за сè, но не и за ова“, напиша Кварацкелија.