Не сум баш убеден дека преписките и дијалогот Груевски-ВМРО ДПМНЕ се некоја централна тема заради која треба да одвојам ден размислување и барем саат време пишување но, многумина мислат дека се и, затоа, еве ме.

ПИШУВА: Драган П. ЛАТАС

За мене некои други теми се вредни внимание и следење но, за тоа подоцна.

Повеќе од 20 години одблизу следам што и како се случува во ВМРО ДПМНЕ, партија за која и ден денес сметам дека кога и да имала власт, дали локална а особено централна, во Македонија најмногу имало реформи, градење, проекти и промени во општството и начинот на живеење. Промени кон подобро, дури и во времето на Љубчо Георгиевски.

Имало и грешки, промашувања, секако, но крајниот резултат секогаш бил убедливо позитивен. Оние што протестираа дека ВМРО ДПМНЕ им ја украло државата, набргу, видоа дека под власта на СДСМ/ДУИ останаа без држава. Буквално. Наскоро би можеле да останат и без нација, а потоа нека гледаат на Јутјуб снимки за Косово во раните деведесетти и судбината на тамошните Роми, Турци, Срби… и денешните иселени арачиновци.

Тие што пред 6-7 години зборуваа за заробено обвинителство и судство, за корумпирана полиција… денес на анкети велат дека довербата во нив е едвај 3-4% од јавноста. Дно.

Значи, сума-сумарум, ако не ме лаже здрав разум, искуство, она што го гледам а и анкетиве што се прават од разни извори, нам ни следи промена на власт.

Како и да биде, власта на СДСМ/ДУИ завршува некаде до крај на јануари, во февруари да се подели тендерот за РЕК Битола, како и следна тура исплата од авансите за фантомскиот коридор 8 помеѓу ДУИ и СДСМ, и толку им е. Потоа техничка влада, почнува општа бежанија на бизнисмени, обвинители, судии… од оваа власт. А има и зошто да бегаат.

Им доаѓа крајот во секој случај, а они се во дебела криза и кон странците. Ветија уставни промени за да им се замижи пред диктатурата и корупцијата но, не можат да ги испорачаат и кредитот им се топи. Неупотребливи и лабилни соработници се.

Во тој хаос во кој се најдоа на ДУИ му текнува за еднаш успешно спроведена операција – купување пратеници од опозиција и изгласување уставни измени со што би се вратил кредитот кај странците и од нив, повторно, би добиле поддршка пред избори. Да се потвори процесот пред гласање на “северна“.

Нема сомневање, тоа Али Ахмети јавно го потврди, дека тој и Заев биле кај претседателот Пендаровски со таков план. Да спроведат постапка за амнестија на поранешниот претседател на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски а тој, преку свои канали и пратеници над кои има влианние, да успее да кандиса колку е поттребно да гласаат за уставните измени, и со тоа на странците да им се испорача ветеното а за нив, во најмала рака, ширика влада.

Тој факт е утврден. Притоа, со изјавата на Али Ахмети утврдено е дека тие направиле кривично дело – трговија со влијание.

Дека понудата, и кривичното дело, постои имаме јавни докази. Немаме дали истата е прифатена од Груевски. Но, во ВМРО ДПМНЕ поприлично созреале и напредувале од 2018-та до сега и на време дознаа и реагираа за комбинацијата, и планот пропадана. Како ретко кога ВМРО ДПМНЕ имаше речиси апсолутна поддршка меѓу Македонците за спречувањето на оваа диверзија врз основните национални и државни интереси.

Дали Груевски учествувал во планот за оваа диверзија, за комбинацијата на ДУИ/СДСМ?
Да одиме чекор по чекор, па секој сам нека си го создаде одговорот.

На 9 февруари 2015 година СДСМ почна со објавување туѓи телефонски разговори кои, наводно, ги снимала власта УБК на Сашо Мијалков, без притоа да се утврди од било кого дека тие разговори се автентични. Тогашниот државен јавен обвинител Зврлевски издаде барање тие да не се објавуваат преку медиуми затоа што таквото објавување е кривично дело, но никој од власта на Груевски не презема ништо тоа кривично дело да се спречи.

Објавуваа и службени и најприватни наводни разговори за секого освен за СДСМ функционери и, за чудо, ниту еден разговор помеѓу Никола Груевски и Сашо Мијалков?!

Наместо да ги гони тие што прислушкувале и тие што незаконски објавуваат, Груевски со Заев договори услови за примирје, и транзиционен период до избори, така наречен Пржински договор од 2 јуни 2015-та година, дополнет со амандмани на 15-ти јули 2015.

Во Пржинскиот довор, во Точка 6, став 2, е напишано, потпишано и објавено:

“Објавувањето на дополнителни материјали од прислушувањето ќе запре. По враќањето на СДСМ во парламентот, сите материјали кои ги поседува СДСМ или било кој друг чинител ќе бидат предадени на јавниот обвинител за негово итно постапување.
Најдоцна до 15 септември 2015, ќе биде назначен нов, специјален јавен обвинител со целосна автономија да ја води истрагата во врска со случаите на следењето на комуникациите. Специјалниот јавен обвинител ќе биде именуван во согласност на сите политички партии кои го потпишуваат овој договор“ Потпишани: Мендух Тачи, Никола Груевски, Али Ахмети, Зоран Заев.

Ништо од ова не се случи. Телефонските разговори не му се предадоа на Јавниот обвинител, а се објавуваа и потоа, дури и за време на изборната кампања и митинзите. Не се избра “специјален јавен обвиниотел“, значи – поединец во Обвинителството со тие овластувања, туку Груевски прифати на 15 септември таа 2015-та со 111 гласа во Собранието да се изгласа сосема нова институција – Специјално јавно обвинителство. Иако, според Уставот, за процеси на истраги и обвиненија единствен овластен орган е само Јавното обвинителоство.

Груевски поддржа создавање неуставна институција, а не “специјален јавен обвинител“ во рамките на Обвинителството како што беше потпишано во Пржинскиот договор? Зошто? Зошто Никола?

Како и што, потоа, работеше СЈО, какви прогони на над 500 луѓе вршеше, какви им се обвиненијата и како заврши во коруптивна кал, секому е познато. Како што е јасно и дека, ако Груевски не дозволеше гласање за СЈО, тоа немаше да се случува.

Кога агресијата на СЈО врз правото, правдата и опозицијата тргна, Груевски избега за Унгарија, случајно или не преку Албанија. Останаа стотици луѓе, како и неговата партија ВМРО ДПМНЕ, да трпат тортура, луѓе да губат авторитет, работа, здравје, да продаваат станови за да платат адвокати… партијата да има блокирана сметка, замрзнат имот и дезориентирани пратеници.

Уште од 2018-та Сашо Мијалков и Никола Тодоров, поранешниот министер за здравство кој во суштина по моќ беа втор и трет во партијата се оградуваа од ВМРО ДПМНЕ, бараа смена на Христија Мицкоски и, потоа, пратениците на ВМРО ДПМНЕ да изгласаат промена на уставното име на Македонија. Преговараа и со пратеници за да ги убедат да им ја завршат таа работа. Како тоа успеа, знаат сите.

Во 2020-та Сашо Мијалков, Никола Тодоров и Ивица Коневски организираа вонреден Конгрес на ВМРО ДПМНЕ за смена на Христијан Мицкоски. Никола Груевски ниту еднаш не се обрати до нив, и до јавноста, дека со тоа го уруваат историскиот и политички корен на партијата за лична корист, да ги повика да не убедуваат пратеници за “Северна“, да создаваат паралелни конгреси и уривање на ВМРО ДПМНЕ.

За тоа време, Христијан Мицкоски и Александар Николоски заедно со другите во партијата поминаа пеколен период. Партија без пари, обвинета од СЈО, разбиена со делување на бивши функционери и државното политичко-полициско и обвинителско подземје, напаѓана со монтирани лични и политички афери од медиуми под контрола на власта…

За тоа време… ВМРО ДПМНЕ имаше Конгрес на кој Мицкоски беше по втор пат избран за претседател, па Груевски не може да каже дека “тој го поставил на чело на партијата“.

За тоа време ВМРО ДПМНЕ победи на парламентарните избори во 2020 година, партија со најмногу пратеници во Собранието, а во 2021 со 42 градоначалници од 80 општини – доживеа триумф на локаланите избори, и тоа убедлив победник како опозициона партија, што никогаш порано не се случило во Македонија. Сега рејтингот помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ е речиси дупло поголем за екипата на Мицкоски.

И, сега, кој е одговорот на претходно поставеното прашање – дали Груевски знаел, и дали имало комуникација помеѓу него и двоецот Ахмети/Заев за пазарење околу придобивање пратеници за нова уставна промена, ставање на Бугарите во македонскиот устав под условите кои се диктираат од Софија?

Мене ми се јасно, а верувам и на вас. Она што јас сакам да биде тема на денот е економската програма на Мицкоски и ВМРО која беше објаснета на брифинг и која, за полесно разбирање, носи инвестиции и изградба на јавна инфраструктура повеќе од славните проекти на Вучиќ во Србија, гледано по број на жители.

Тоа е за мене од интерес за секој од нас. А комбинациите… видовме како завршуваат.