Германскиот тенисер Александар Зверев денеска првпат проговори во јавноста за своите здравствени проблеми кои ги има со дијабетес тип 1.
Болеста на тенисерот му била дијагностицирана на четиригодишна возраст, а Зверев сега отвори фондација која ќе се занимава со обезбедување инсулин и други лекови за болни деца и млади лица.
– Јас сум во привилегирана позиција бидејќи го живеам животот кој отсекогаш сум го посакувал. Сакав да играм тенис, да патувам на турнири насекаде низ светот и да бидам меѓу најдобрите тенисери на планетата. Свесен сум дека многу деца ја немаат таа среќа и поради тоа е важно да им вратам нешто и да им помогнам на другите луѓе, кои имаат слични проблеми, изјави Зверев.
Тој додаде дека многу луѓе не знаеле дека боледува од дијабетес.
– До денеска немаше многу луѓе, кои знаеја дека имам дијабетес. Отсекогаш се плашев дека моите противници ќе се чувствуваат посилни против мене ако знаеја за мојата болест. Од денеска веќе ги немам тие грижи, порача германскиот тенисер.