Во текот на вчерашниот ден, како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), имало вкупно 28 пожари на отворено од кои 10 се сè уште активни.
Едни се гаснат или се ставаат под контрола, потоа се активираат нови и нови. Ветрот дополнително ги разгорува пламените јазици. Пожарот кај Пехчево, кој го загрози градот и изгоре шумски површини, успешно е локализиран благодарение на големите напори на локални и национални организации, волонтери и меѓународна поддршка.
Општината апелираше до сите граѓани на Пехчево и околината да бидат внимателни. Бидејќи високите температури продолжуваат, ризикот од повторување на пожар од големи размери останува значителен.
Сепак и покрај вчерашното локализирање на пожарот утрово повторно Општина Пехчево бара доброволци. Дел од пожарите таму се уште се активни.
Македонија побара помош преку европскиот механизам. Пристигнат српски хеликоптер и дејствуваше на терен. Северниот сосед најави и други летала.
Хеликоптер пристигна и од Чешка, а од Германија се најавени два Ер-трактори. Најголема помош пристигнува од Унгарија.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто најави дека Унгарија ќе испрати три противпожарни возила во Македонија за да помогне во борбата против тековните шумски пожари. Оваа поддршка беше потврдена и преку разговор меѓу Сијарто и македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Маж од Радовиш уапсен поради подметнување пожари, МВР најави жестоки казни за оние кои намерно ги палат огновите.