Најмалку 18 лица загинаа во обидите на мигрантите да ја преминат границата меѓу Мароко и шпанската северноафриканска енклава Сеута, каде илјадници луѓе и понатаму се обидуваат по морски пат да стигнат до шпанска територија.

Мароканските власти во изминатите часови ги засилија контролите на патиштата, железничките станици и во пограничниот регион, со цел да го ограничат движењето на мигрантите кон северниот дел на земјата. Сепак, голем број лица, главно млади луѓе, продолжуваат да се собираат во близина на градот Фнидек и да бараат начин за преминување во Сеута.

На делови од границата повремено доаѓа до судири меѓу мигрантите и безбедносните сили. Во неколку инциденти биле фрлани камења, а во близина на граничниот премин бил запален автобус. Во овој случај нема пријавени повредени лица.

И покрај засилениот надзор, мароканските сили не успеваат целосно да го спречат приливот на мигранти кои преку морето ја заобиколуваат жичаната ограда и се обидуваат да стигнат до граничниот ѕид на Сеута.

Кризата се прошири и кон другата шпанска енклава во Северна Африка, Мелилја, каде поради обиди за илегални преминувања е затворен граничниот премин „Бени Ензар“. Обиди за влез се регистрирани и на други делови од границата, поради што шпанските власти распоредиле дополнителни полициски и воени сили.

Шпанија и Мароко постигнале договор за забрзано враќање на лицата кои илегално влегле на шпанска територија, но мерката досега не успеала да го намали притисокот врз границата.

Жителите на пограничниот регион велат дека меѓу младите се проширила информација дека Шпанија наводно ја отворила границата за лица без документи, што дополнително го зголемило бројот на луѓе кои пристигнуваат во близина на Сеута. Дел од нив во текот на ноќта купувале гумени душеци и друга опрема за пливање, надевајќи се дека ќе успеат да стигнат до шпанската територија.

Мароканските власти сè уште немаат објавено официјални податоци за бројот на обиди за преминување на границата, ниту за бројот на жртви. Локалните медиуми оценуваат дека актуелната криза би можела да ги надмине размерите на мигрантскиот бран од 2021 година, кога во Сеута за неколку дена влегоа околу 10.000 мигранти.

Во меѓувреме, шпанскиот премиер Педро Санчез и министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка денеска ќе ја посетат Сеута, каде што ќе ја проценат состојбата на терен и ќе разговараат за понатамошните мерки.

Претседателот на Сеута, Хуан Хесус Вивас, повторно побара од Мадрид да прогласи национална вонредна состојба, оценувајќи дека досегашниот одговор на централната власт е „недоволен“.