Неколку експлозии утрово одекнаа во украинскиот главен град Киев, јавува Би-Би-Си, повикувајќи се на податоци од социјалните мрежи. Службите за вонредни ситуации на градот соопштија дека во гранатирањето биле оштетени две станбени згради.
Станбена зграда од 12 ката во близина на центарот на Киев беше погодена од руско гранатирање рано утринава, предизвикувајќи пожари на неколку ката, се вели во соопштението на украинската државна служба за итни случаи.
Зградата во областа Шевченковски се наоѓа на само неколку километри од центарот на главниот град на Украина, потсетува Си-Ен-Ен. Првичните информации говорат дека во гранатирањето две лица се повредени. Спасувачките екипи евакуираа 37 лица од зградата, се вели во соопштението. Во нападот е оштетена и соседната деветкатница, се додава во соопштението.
Би-Би-Си наведува дека на социјалните мрежи имало засега официјално непотврдени извештаи за експлозии во градовите Одеса и Запорожје на југот на Украина.