Македонските власти очекуваат дополнителна поддршка од Брисел за дијалогот Скопје – Софија за да се дефинира преговарачката рамка со цел колку што е можно побрзо одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската Комисија како почеток на процесот за затворање на поглавјата за членство во Европската Унија.
Северна Македонија ја има поддршката од европските партнери кои сметаат дека мора веднаш да ги започнеме преговорите за членство во Европската Унија. Досегашните заклучоци се дека државата ги има исполнето сите услови за старт на преговорите и дополнително, дека е постигнато стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и 40-процентно усвојување на законодавството на ЕУ. Владата, порачаа вчера оттаму, останува фокусирана на дијалогот со соседна Бугарија за изнаоѓање соодветно решение.
Премиерот Димитар Ковачевски и при вчерашната посета на Брисел од високите претставници на ЕУ побара итно отворање на преговорите со ЕУ. На средбите во Брисел е нагласено дека е време за изнаоѓање на достоинствено европско решение за деблокирање на почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија.
На вчерашната средба на Ковачевски со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан Мирослав Лајчак, беше заклучено дека војната во Украина наметнала неопходно забрзување на процесот за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и итни преговори со Северна Македонија како приоритет.
Премиерот и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел вчера во Брисел ја истакнаа потребата за брзо делување и за остварување на стратешкиот интерес и придобивка на ЕУ од проширувањето со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан како приоритет за европската безбедност.
И на средбата на Ковачевски со неговиот белгиски колега Александар Де Кро е истакнато дека е неопходно брзо изнаоѓање решение меѓу Северна Македонија и Бугарија за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ како стратешка одлука за Брисел од аспект на безбедносните ризици предизвикани од војната во Украина.
Според шефот на дипломатијата Бујар Османи, политиката на проширување на ЕУ е безбедносно прашање и оттука членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за европската безбедност.
Османи вчера на средби со министерот за Европа и надворешни работи на Франција Жан Ив Ле Дриан, како и со потсекретарот за политички прашања во Стејт департментот Викторија Нуланд, нагласи дека Северна Македонија ги исполни сите услови за старт на преговорите и постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Според него, сега е критичниот момент и Европската Унија да испорача преку усвојување на преговарачката рамка.
Шефот на дипломатијата вчера нагласи и дека надворешно-политичките и безбедносните ризици во новата геополитичка реалност го наметнуваат ефектуирањето на одлуката за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија, доколку Европската Унија сака да го задржи својот кредибилитет, пред се во регионот и да го демонстрира своето геостратешко лидерство.
Во фокусот на разговорите со неговиот француски колега Жан Ив Ле Дриан биле активностите и плановите на француското претседателство со Советот на ЕУ во однос на интеграцијата на државите од Западен Балкан и неопходноста од забрзување на европскиот пат на нашата држава.
Владата, како што вчера соопшти портпаролот на Владата Душко Арсовски, го продолжува дијалогот со соседна Бугарија за изнаоѓање достоинствено и европско решение кое ќе го крене ветото и ќе го даде долгоочекуваниот датум за отпочнување на преговорите со Унијата.
– Предлогот на Макрон го сметаме за одлична можност за обединување на земјите кои не успеале да влезат во блокот или не сакале во одреден момент, со оглед на новонастанатата геополитичка ситуација, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање дали изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за воспоставување на европска политичка заедница, ќе влијае врз спорот меѓу Скопје и Софија.
Овој предлог, како што нагласи Арсовски, е поттикнат од потребата да се даде еден вид заштита на европската перспектива и можности за поврзување и соработка на Украина, Молдавија и Грузија со Унијата, без притоа да чекаат да ги исполнат сите критериуми што се потребни за земјите кандидатки за членство.
Имено, францускиот претседател Макрон повика да се формира „европска политичка заедница“ за зајакнување на соработката на ЕУ со другите европски земји, поради тоа што членството на тие земји во Унијата не е реално во блиска иднина. Укажувајќи дека треба да се преуредат основачките договори на ЕУ, Макрон истакна дека во наредните недели би можеле да се одржат разговори за институционални реформи и дека за нив би можело да се дискутира на следниот Самит на лидерите на ЕУ.
Германскиот канцелар Олаф Шолц оцени дека идејата на Макрон за формирање „европска политичка заедница“ е интересна, но и дека тоа не треба да ги спречува да го завршат она што е започнато со земјите од Западен Балкан кои донеле храбри одлуки, при што, како пример ја наведе Северна Македонија.
Албанската опозициска партија Алијанса за Албанците вчера ја повика Бугарија да го крене ветото за Северна Македонија.
Според претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, земјава и Албанија треба поскоро да ги отворат преговорите и да станат членки на ЕУ што ќе го направи Западен Балкан посигурно место за живеење.
Како што рече лидерот на АА, не треба да се занимаваме многу со комисии и експерти, зашто „експертите прават наука, а не компромис“. Политиката треба да најде компромис, порача Села.
– Ја повикувам и бугарската страна, имајќи ја предвид сигурносната ситуација што се случува и во регионот, како и ризикот што постои по агресијата на Русија во Украина, да размислат за сигурноста на регионот, да го тргнат ветото, тоа ќе биде компромис. И ние, како политичари,треба да бидеме подготвени за компромис. Албанија заедно со Северна Македонија треба што поскоро да отворат преговори и да бидат членки на ЕУ. Тоа ќе го направи Западен Балкан посигурно место за живеење, истакна вчера Села.
Граѓаните, напомена, се надеваат дека на 22 јуни ќе има некаков исход со Република Бугарија.