Министерството за образование (МОН) се залага за што поскоро враќање на децата во училиште, штом епидемиолошката состојба тоа ќе го дозволи, соопшти денеска од овој ресор од каде објавија одговори на најчесто поставувани прашања доставени од иницијативата за бојкот на наставата по најавата за реформи во образованието.
Од Министерството негираат дека учениците ќе поминуваат премногу време на компјутери и на таблети.
-Не е точно дека со реформата во основното образование или пак со дигитализацијата на учебниците ќе се постигне ваков ефект. Напротив, со реформата децата ќе поминуваат подолго и поквалитетно време на училиште каде ќе учат директно од наставниците, а помалку време ќе им биде потребно да учат подоцна самите. Дигитализацијата на учебниците, лесното пребарување по нив и користење на напредни мултимедијални содржини ќе овозможи побрзо и поефикасно да учат и се развиваат, наведуваат од МОН.
Оттаму велат дека на клупите во училниците нема потреба да има приклучок за струја, зашто наставата воопшто не е замислена да се одвива на компјутери или на таблети. „Се дигитализираат учебниците, не целосно наставата. Во училница најважна е интеракцијата помеѓу наставникот и учениците, а наставата ќе се одвива на тој начин како и досега. ИТ технологијата ќе биде само дополнително помагало во ситуации кога наставните теми го наложуваат тоа“, додаваат од Министертвото.
Според МОН, модернизацијата на образованието воопшто не значи укинување на книгите, децата ќе развиваат однос со книгата во пониските одделенија, преку лектирите и на училиште. Реформата се воведува етапно. За учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос на детето кон книгата. За учениците од четврто и погорните одделенија, прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ-технологија и на електронски алатки.
Лектирите ќе останат во печатена форма, а секојдневно на училиште децата ќе учат и пишуваат од печатени наставни материјали и воопшто нема да изгубат контакт со книгите. Овој комбиниран пристап практично ќе им овозможи на децата да имаат достапни материјали во дигитален формат како и да ги користат секаде и во секое време, појаснуваат од МОН.
-Апсолутно најдобар начин за учење е во училишните клупи и дигитализацијата воопшто нема за цел да го замени учењето на училиште со онлајн учење. Напротив, МОН се залага за што поскоро враќање на децата во училиште, штом епидемиолошката состојба тоа ќе го дозволи. Целосна манипулација е дека дигиталните учебници се воведуваат за намерно да се продолжи со онлајн наставата. Учениците ќе се вратат во клупите каде им е местото. Реформата е така структурирана токму да се спроведува во училиштата, со поголем фонд на часови, повеќе интересни воннаставни активности и поквалитетно поминато време на училиште, тврдат од Министерството за образование.
За учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник.
Со Светска банка ќе се опреми таканаречен библиотечен фонд на таблет уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, за да можат да ги користат дигиталните учебници. Сите учебници ќе бидат достапни и во аудио формат, но и печатени на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.
Од септември потреба од електронски уреди за користење на електронски учебници ќе имаат само учениците од 4то одделение, односно 20.000 ученици.
За дигитализација и пристап до дигитални учебници не се потребни дополнителни софтверски лиценци, тие ќе бидат бесплатни за сите.
За користење на електронски учебници не е потребен интернет. Учебникот се симнува на уредот само еднаш и останува додека корисникот не го отстрани. Мултимедијалните содржини кои ќе бидат составен дел од дигиталните учебници ќе бидат достапни и кога уредот не е поврзан на интернет. Интернет ќе биде потребен кога темата од одреден предмет наложува истражување, разгледување на друга мултимедијална содржина и слично.