Судијата на Окружниот суд во Бруклин, Ерик Комите, го осуди Жуков за кражба на повеќе од седум милиони долари од рекламни компании во САД.
Кражбата била извршена помеѓу септември 2014 и декември 2016 година преку шема на измама во дигитално рекламирање, соопшти вчера американското обвинителство за источниот округ на Њујорк.
На четириесет и едногодишниот Жуков, кој себеси се нарекуваше „крал на измамите“, му беше наредено да плати повеќе од 3,8 милиони долари казни.
Тој беше екстрадиран во САД откако беше уапсен во Бугарија во ноември 2018 година, а пресудата беше изречена по судењето пред порота во мај 2021 година за измама и перење пари. Жуков се изјасни за невин.
Неговата шема користеше илјадници заразени компјутери ширум светот за лажно прикажување големи посети на лажни веб-страници и измама на огласувачите.
-Седејќи пред својата компјутерска тастатура во Бугарија и Русија, Жуков храбро смисли и спроведе разработена мултимилионска измама против индустријата за дигитално рекламирање, а неговите жртви се илјадници компании ширум САД, рече окружниот обвинител Бреон Пис.
Според соопштението, Жуков „регрутирал компјутерски програмери и други вработени за да му помогнат да создаде шема и да ја изгради техничката инфраструктура потребна за создавање на лажен сообраќај за реклами“.