Обвинетиот бизнисмен Борче Марковски не е во бегство, туку престојува во Србија поради работни состаноци и во сабота околу пладне ќе се врати во Македонија, тврди неговиот адвокат Марјан Николоски. И Јавното обвинителство соопшти дека во моментов не може да се смета оти Марковски е во бегство, бидејќи тој сè уште има обврска да се јавува пред судот.

Сопственикот на „Марковски компани“, обвинет за злоупотреби при јавна набавка за РЕК „Битола“, вчера ја напушти Македонија преку граничниот премин Табановце, еден ден откако Основниот суд во Струга му го врати привремено одземениот пасош.

– Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Денеска и утре е на состаноци во Србија каде што има сериозна фирма, која без него не може да функционира. И затоа беше побаран пасошот. Има оставена сериозна гаранција во судот. Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Не станува збор за бегање, тоа нема апсолутна врска со вистината. Легално ја помина границата, оти бизнисот во Србија му е сериозен и мора да функционира. Ако е осомничен, не значи дека треба да ги затвори сите фирми – вели адвокатот Марјан Николоски во изјава за СДК.

Претседателот на Основниот суд во Струга, Вулнет Винца, потврди дека тричлен кривичен совет одлучил да му го врати пасошот на Марковски. Тој наведе дека судот претходно добил позитивно мислење од Јавното обвинителство и дека не чувствува одговорност за одлуката.

– Ние ценевме, ама добивме мислење од овластениот тужител, ОЈО Струга. Не чувствувам одговорност. Имаме закажано рочиште на 2 септември. Ако не се врати, ќе му се суди во отсуство и ќе се одземе имотот – вели Винца.

Марковски беше пуштен од притвор во јануари годинава, откако понуди гаранција во вредност од речиси пет милиони евра во недвижен и движен имот, односно куќа, три стана, како и 25 булдожери и камиони. Битолскиот суд, и покрај противењето на обвинителството, тогаш му одреди еднаш неделно да се јавува во судот, а пасошот му беше привремено одземен.

Од Јавното обвинителство соопштија дека барањето за укинување на дополнителните мерки на претпазливост било поднесено од одбраната на Марковски. Надлежниот обвинител од ОЈО Струга првично, на 15 јуни, дал негативно мислење, но по новото барање предметот бил доставен до Вишото јавно обвинителство во Битола.

„Надлежниот јавен обвинител од ОЈО Струга првично на 15.6.2026 година даде негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа“, соопшти Јавното обвинителство.

Како аргумент за одлуката, Вишиот јавен обвинител оценил дека гаранцијата ги исклучува околностите што би укажувале на опасност од бегство. Биле прифатени и тврдењата на одбраната дека работата на фирмата на Марковски во Србија е сериозно доведена во прашање и дека може да настане ненадоместлива штета доколку тој итно не отпатува таму за да потпише деловна документација.

„Воедно се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму, за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, соопшти Обвинителството.

Марковски и уште седум лица се обвинети за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Според обвинението, иако опремата не била планирана за употреба во Битола, бил спроведен тендер и потпишан договор вреден околу 1,7 милион евра, а „Марковски компани“ ги демонтирала машините во Кичево, ги пренела во Битола и ги оставила немонтирани во кругот на комбинатот.

Судењето првично почна во Основниот суд во Битола, но по одлука на Апелацискиот суд предметот беше префрлен во Основниот суд во Струга. Рочиштето закажано за 24 јуни беше одложено поради промена на адвокат кај еден од обвинетите, а новиот почеток на судењето е закажан за 2 септември.