Денешното именување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство на црната листа е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите, објави американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер преку објава на нејзиниот профил на Х.

Како што информира Агелер, ќе следуваат повеќе именувања во иднина.

-Факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени, посочи амбасадорката.

САД го прогласија Анѓушев за неподобен да влезе во таа земја. Стејт департментот соопшти дека забраната е „поради неговата вмешаност во значителна корупција“.

Анѓушев е поранешен вицепремиер во владата на екс-премиерот Зоран Заев. Тој во кратка изјава денеска за „Локално“ посочи дека е многу изненаден од одлуката на американскиот Стејт Департмент.