Ахмети, како што соопштија од ДУИ, говорел и за спорот со Бугарија, за договорот за добрососедство и спроведувањето на обврските што стојат како пречка на нашиот пат кон ЕУ.
– Ахмети оцени дека не сме далеку од договорот со Софија и дека страните ќе ги почитуваат преземените обврски, треба да се пристапи кон разликите и да се надминат што е можно побрзо за да започнат преговорите за членство во Европската Унија, стои во соопштението од ДУИ.
Тој додал дека со добри и релаксирани односи во нашата земја и со соседите, ја обезбедуваме нашата иднина, стабилност, безбедност и европската перспектива, затоа, потенцирал Ахмети, не смееме да застанеме со нашите напори со цел да ги надминеме сите пречки.
Амбасадорот Гир ја истакнал потребата од интензивно продолжување на реформите во земјата во наредните месеци за да се исполнат европските стандарди во земјата, додека Ахмети ја истакнал и големата потреба за реализирање на реформите што се за доброто на сите наши граѓани.
– Ние сме ваши партнери, господине амбасадор. Исто како што бевме партнери со ЕУ, НАТО и САД за решавање на сите прашања, ние ќе застанеме рамо до рамо во реформите, бидејќи владеењето на правото е предуслов за сите реформи. Правилното владеење на правото се обезбедува преку темелна проверка на сите политичари, судии и обвинители, без никаква толеранција и со многу посветеност, рекол лидерот на ДУИ, Ахмети.
Ахмети и Гир разговарале и за процесот на попис на населението, при што претседателот на ДУИ ја истакнал важноста на пописот во дијаспората и успешното завршување на пописот на жителите. На работната средба биле разменети и ставови за 20-годишнината од Охридскиот Договор и претстојните локални избори во октомври оваа година.
Како што стои во соопштението од ДУИ, Ахмети повторил дека сите наши успеси се заеднички со меѓународната заедница, почнувајќи од Охридскиот Договор, евро-атлантските стандарди, интеграцијата во НАТО и заедно ќе продолжиме кон отворањето на преговорите за членството во Европската Унија.