Причина – загриженост за јавната безбедност
Албанија од денеска воведе привремена забрана за користење на електрични тротинети на јавните патишта и тротоари. Одлуката ја соопштија министерката за внатрешни работи Албана Кочиу и директорот на државната полиција Илир Прода, по спроведена детална анализа на последиците од нивната употреба.
„Употребата на овие возила создава непосреден ризик за јавната безбедност. Само во текот на 2024 година службите за итни случаи пријавиле 991 сообраќајна несреќа поврзана со тротинети, од кои дел завршиле со смртни случаи или сериозни повреди“, наведуваат Кочиу и Прода во заедничкиот видеозапис.
Полициска акција и казнени мерки
Министерката Кочиу истакна дека е донесена и стандардна постапка согласно законот „За државна полиција“, која овозможува санкционирање и административно блокирање на возилата. „Државната полиција ќе биде вклучена во акција за целосна забрана на движењето на електричните тротинети. Ги повикуваме граѓаните на разбирање во овој процес“, додаде директорот Прода.
Премиерот Рама: Следуваат нови, построги правила
Премиерот Еди Рама преку објава на социјалните мрежи порача дека мерката ќе остане на сила додека не се изготви строга регулатива заснована на меѓународни стандарди. „СТОП ЗА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ТРОТИНЕТИ – 991 случај за една година е повеќе од доволен за итна забрана, сè додека не се воспостават нови правила за јавна безбедност“, напиша Рама.