Рама вели дека се потребни нови решенија за интеграција на Западен Балкан
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изрази поддршка за идејата за привремено ограничување на правото на вето во процесот на проширување на Европската Унија за идните земји членки.
Неговата порака доаѓа во период кога во Брисел се разгледува нов пристап за интеграција на земјите кандидати, преку модел на постепено приклучување кон европските институции и пазарот уште пред полноправното членство.
„Нема да се колебаме, ќе направиме сè што е потребно за да влеземе“, изјави Рама.
„Војната во Европа бара креативни решенија“
Рама порача дека актуелната геополитичка состојба бара пофлексибилен пристап кон проширувањето на Европската Унија.
Според него, војната на европско тло и безбедносните предизвици ја наметнуваат потребата од „итни, креативни и иновативни решенија“, наместо долги бирократски процедури.
Тој истакна дека Албанија останува целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Тирана не го гледа ветото како политичка алатка
Албанскиот премиер ги отфрли стравувањата дека со ваквиот модел земјата би можела да го изгуби влијанието во европските процеси.
Рама нагласи дека Тирана никогаш не го сметала правото на вето за средство за политички притисок и повтори дека Албанија е „100 проценти усогласена со надворешната политика на Европската Унија“.
