Минатата година и покрај пандемијата и последиците кои ги предизвика, албанските иселеници не ги заборавиле своите најблиски во родниот крај.

Податоците објавени од Централна банка на Албанија потврдуваат дека тие минатата година испратиле 673 милони евра, што е благо намалување од само четири отсто, споредно со претходната година.

-Осетно намалување е забележано во второто тромесечје, април – јуни, кога Европа беше скоро целосно изолирана, кога дознаките бележат намалување од 35 отсто на годишно ниво. Но, затоа пак дознаките се зголемија во третото и посебно во четвртото тромесечје, со 6,5 односно11,5 отсто и речиси целосно го компензираа падот во второто тромесечје, наведува банката.

Според истиот извор, Италија и Грција и понатаму се главните канали на дознаки, поради големиот број иселенци кои живеат и работат во овие земји.

Но, во последниве години, приливот се зголемува од земјите каде што и бројот на албанските иселеници се зголемува, главно Велика Британија и особено Германија.

Трендот на дознаките во последните три децении е различен. Највисок износ е забележан во 2008 година по што почнува опаѓање на износот на дознаки повеќе од една деценија, поради фактот што иселениците почнаа да ги прекинуваат врските со татковината, формирајќи семејства во земјата каде што работат.

По падот на тоталитарнот режим, за три децении, околу 1,64 милиони албански граѓани или 36 отсто живеат и работат во странство, главно во Грција, Италија, Германија, САД, Канада, Велика Британија и Швајцарија .