Алијанса за Албанците на Таравари за уапсениот директор: „Правдата мора да биде неселективна“
По денешното апсење на директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје во заедничка акција на МВР и Обвинителството под сомнение за примање мито, со реакција се огласи Алијанса за Албанците (АА) на Арбен Таравари. Уапсениот директор, Мухсин Арифи е нивен кадар. Повеќе може да погледнете од веста во продолжение:
Уапсен Мухсин Арифи, директорот на Геријатрија: Барал поткуп од 20.000 евра за неподвижно лице
АА бара брза постапка
Во своето соопштение, од АА бараат надлежните државни органи да постапат брзо и ефикасно во расветлување на сите околности поврзани со случајот.
„Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности,“ се наведува во соопштението.
Алијансата потенцира дека останува силно посветена на борбата против корупцијата и на темелна реформа на државниот систем, со цел ваквите девијантни појави да бидат сведени на минимум.
„Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме,“ додаваат од партијата.
Во заклучокот на соопштението, АА информира дека нејзините партиски органи ќе преземат сите неопходни статутарни чекори со цел да се зачува угледот на партијата.