Новиот репрезентативец ги сподели првите впечатоци од националниот тим
Новиот македонски репрезентативец Дин Аломеровиќ се приклучи на националниот тим по првиот повик од селекторот Гоце Седлоски, а по собирот ги сподели своите први впечатоци.
Бекот кој настапува за УТА Арад во Романија изјави дека настапот за сениорската репрезентација претставува исполнување на неговата долгогодишна желба.
„Чувството е прекрасно, со голема чест и задоволство сум тука. Желба ми беше од мали нозе да дојде денот да заиграм за А-репрезентацијата. Порано бев член во сите младински категории, а сега фала му на Господ се најдов тука и во сениорскиот тим. Со добрите игри и благодарение на стручниот штаб, мојата желба се исполни.“
Аломеровиќ верува во квалитетот на репрезентацијата
Аломеровиќ посочи дека иако сè уште не го познава целосно тимот, верува дека Македонија има квалитет за добри настапи против Босна и Херцеговина и Турција.
„Јас како дебитант не можам да ги најавам следните натпревари. Не го познавам тимот во целост, знам половина од играчите, но сакам да верувам во тимот. Знам дека имаме квалитет да се носиме со сите, па така и со Босна и Турција.“
Тој додаде дека многу ќе зависи од поставеноста на тимот и од работата на стручниот штаб.
„Се е до стручниот тим, како ќе не постават. Мислам дека нема да имаме проблем што се однесува до двете средби“, изјави Аломеровиќ.
