Додека финишираат пресметките за новата повисока цени, властите денеска прогласија кризна состојба во енергетиката која во сила во Македонија ќе биде во следниве 30 дена.
Со овој потег Владата може во државните енергетски компании да вбризга пари од буџетот. Наместо за ковид програмата, од Илинденска во касите на ЕСМ и МЕПСО ќе префрлат 65 милиони евра за набавка на скапа струја од увоз и одржување на ликвидноста. Надлежните уверуваат дека рестрикции со користењето на електричната енергија нема да се случат.
-Сè со цел да загарантираме што пониски цени на електрична енергија за домаќинствата се прави разлика во делот на производството по мегават што може да го постигне ЕСМ и одлуката во делот на цената што ја носи владата која е 36,1 евра по мегават час во моментов, рече Крешник Бектеши министер за економија.
По двата големи дефекти кои го запреа производството на струја во РЕК Битола, директорот на државната компанија ЕСМ Васко Ковачевски, ни денеска не се појави во јавноста. Медиумите сакаа да дознаат кои се причините за хавариите во овој чувствителен момент. Бектеши вели дека Владата го задолжила Управниот одбор на ЕСМ да утврди дали постои одговорност во работењето на кадри од компанијата. Доколку се утврди, владата ќе пресече дали ќе има разрешувања или поблага санкција.
-Моето лично мислење е дека треба да има одговорност. Но, првично треба да се справуваме со енергетската криза, а откако ќе се справуваме и ќе ги донесеме соодветните мерки, ќе седнеме и ќе разговараме за конкретна одговорност и кој потфрлил во домашното производство, додава Бектеши.
А, додека се чека во земјава да стаса јагленот кој треба да служи за производство на струја во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, ЕСМ овие неколку дена веќе потроши девет милиони евра за набавка на струја од странство