Средбата на косовскиот премиер со дипломатските претставници на петте најмоќни држави акредитирани во Косово, познати како „Група Квинта“, во изјава за медиумите ја потврдија извори од кабинетот на Курти, кои информираа дека состанокот е веќе завршен.

Односите меѓу Приштина и Белград се заострија откако косовската Влада вчера почна да ја спроведува одлуката за реципроцитет кон Србија со задолжителното опремување со времени регистерски таблички на возилата кои влегуваат од таа држава преку косовските гранични премини. Времените таблички со ознаката РКС чинат пет евра и се со важност од 60 дена.

Оваа одлука предизвика протести на Србите во северно Косово, кои со патнички и други возила вчера и денеска го блокираа граничниот премиен Јариње, а уследија и остри реакции од официјален Белград, откако на граничните премини беа упатени специјалните единици на косовската полиција. Поради настанатата ситуација, српскиот претседател Александар Вучиќ за денеска свика вонредна седница на државниот Совет за безбедност, додека официјален Брисел ги повика Приштина и Белград да ги смират тензиите.