Тој вели дека на минатонеделната средба на Комисијата не бил постигнат никаков напредок, бидејќи македонските историчари сакале „да го сведат разговорот на нешто што е далеку од суштинска анализа на работата на Комисијата“ и „да бранат нешто што е неодбранливо“.

– Секогаш треба да се бара повеќе од една гледна точка и тоа не значи дека изворите треба да се занемарат и историјата да се толкува како што секој ќе посака. Нашите колеги ја следат политичката линија на нивното раководство – да не признаваат дека постои заедничка историја и да ги држат работите во неизвесност. Тие обвинуваат дека бугарската страна ја политизира темата, бидејќи во нашата земја не е избрана нова влада, смета Димитров.

Според него, работите мора јасно да се разграничат и политичарите мора да преземат одговорност за тоа и да сносат одговорност за своите постапки.

Македонскиот копретседавач на Комисијата, Драги Ѓоргиев во саботата при гостување во дневникот на ТВ Сител, пак, изјави дека на последните три средби не гледа желба за напредок кај бугарските колеги, што според него, се должи на политичката ситуација во Бугарија.

Тој нагласи дека на последниот состанок, одржан во четвртокот и петокот, двете страни останале на истите позиции и главна причина што нема резултат е различната перспектива на средновековието, како и големите разлики во пристапот на надминување на ваквиот вид спорови.

Ѓоргиев не очекува промена на ставот од Софија, дури и при избор на нова влада на Бугарија, нагласувајќи дека доколку Комисијата се остави да работи настрана од билатералните политички односи, верува дека е можно да се постигне и побрзо решение.

– Генерално не сметам дека Бугарија ќе го промени ставот во однос на историското минато за Македонија. Тука јас мислам дека постои голем консензус и хомогеност кај меинстримот историчари во Бугарија, меѓутоа верувам дека може да се промени третманот што го има оваа Комисија и овој проблем во македонско-бугарските односи. Доколку следните политички елити кај нас и во Бугарија ги тргнат Комисијата и овој проблем од билатералните политички односи, тогаш верувам дека може да се постигне и побрзо решение за некои прашања, но и дека Комисијата ќе работи во многу порелаксирани услови, смета Ѓоргиев.

Во однос на предлогот од Австрија за меѓународно посредништво во изнаоѓањето компромис помеѓу двете земји, како и предлогот од европратеникот Андреас Шидер за вклучување тројца надворешни експерти историчари во работата на Комисијата, шефот на македонскиот тим оценува дека тоа би било од корист за нејзината работа.

– Ваквиот предлог беше даден од македонска страна уште на првата средба со нашите бугарски колеги и првиот состанок во Софија и за жал морам да кажам дека бугарските колеги тоа го одбија. Ние предложивме да бидат вклучени двајца експерти кои се запознаени со проблематиката на Балканот, но кои во исто време и работеле со големо искуство на надминување на вакви симболични политичко-историски спорови меѓу одредени нации и држави. Меѓутоа тоа беше категорично одбиено од бугарска страна дека тие колеги не го познаваат доволно нашиот проблем, дека тоа е само наш билатерален проблем и оттогаш тоа воопшто повеќе не стана прашање. Меѓутоа лично сметам дека една таква медијација, едни такви неутрални аутсајдери, кои, би рекол, не се дури емотивно внесени во овој проблем, мислам дека можат да бидат од корист на Комисијата, додаде Ѓоргиев.

Македонскиот тим во Комисијата, во петокот по завршувањета на дводневната онлајн средба информира дека дискусијата во најголем дел се водела за пристапот и формата на препораките за учебниците по историја за седмо одделение, при што останале големите разлики по овие прашања.

– Од македонска страна беа предложени неколку идеи како да се надминат точките во учебниците кои имаат потенцијал да ја политизираат историјата и со тоа да поттикнуваат нови или ги одржуваат во живот политичките спорови, се наведува во соопштението.

Македонската страна информира и дека ќе продолжи да инсистира на почитување на принципите и препораките на УНЕСКО, Советот на Европа и други релевантни меѓународни и академски институции како најсоодветен начин за надминување на историските спорови и деполитизирање на историјата и историското образование и исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан помеѓу Република Македонија и Република Бугарија во 2017 година.

– Во текот на средбата двете страни успеаја да го усогласат записникот од 11. средба, а беше договорена и средба на која ќе се усвои и Вториот годишен извештај, кој е неопходен за да се одржи меѓувладината конференција. Следната редовна средба на Комисијата ќе се одржи на 10 и 11 јуни, се додава во соопштението на макеоднскиот тим историчари.