Во Македонија нема банка во доминантна сопственост на акционери од Русија или Украина. Денарот е стабилен. Простор за загриженост или простор за паника нема, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, за весникот Вечер.
Потенцира дека шпекулациите, без аргументи и без економски основи, можат да направат огромна штета. Треба да постои ниво на свест дека со ширење на лажни вести им се нанесува штета на граѓаните. Особено во време на вакви глобални турбуленции треба да видиме како сите заедно можеме да ја надминеме со минимум последици, а не да креираме штета таму каде што реално нема. Вели дека нема позначајни промени во трендовите на повлекување средства од банките, и тие се генерално во согласност со нормалните текови. Напротив, податоците покажуваат дека продолжува трендот на кумулативно зголемување на депозитите во домашните банки.
Денарот е стабилен. Ние имаме фиксен курс на денарот, врзан за еврото. Оттаму од исклучителна важност за одржување на курсот се девизните резерви. Девизните резерви со кои располагаме се околу 3,4 милијарди евра, односно се на високо ниво и се во целост конзистентни со нашите очекувања. Ова ниво е повисоко во однос на нивото на девизни резерви кое го имавме пред пандемијата, а за споредба, во 2008 година, кога исто така ја одржавме стабилноста на денарот и покрај глобалната финансиска криза, нивото на девизни резерви беше два пати пониско. Во својот извештај од редовната мисија во нашата земја, ММФ јасно посочува дека курсот е целосно конзистентен, и со економските параметри и со проекциите и со политиките кои ги водиме, односно дека низ годините тој бил сидро на стабилноста на нашата економија. Апсолутно нема никаква потреба од промена на нивото на курсот – девизниот курс останува стабилен, изјави Анита Ангеловска Бежовска.
Целото интервју на следниот ЛИНК