Истражување покажува предност на ВМРО-ДПМНЕ пред опозицијата
Агенцијата „Маркет вижн“, по нарачка на МКД.мк, во периодот од 10 до 27 јуни спроведе истражување на јавното мислење во Македонија, кое покажува дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и натаму се во убедливо водство во однос на довербата кај гласачите.
Според резултатите, вкупниот рејтинг на опозицијата заедно е значително помал од поддршката за ВМРО-ДПМНЕ како поединечна партија.
На прашањето „за која политичка партија ќе гласате на наредните избори“, одговорите покажуваат дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 20,5 отсто од испитаниците, за СДСМ 6,2 отсто, за ДУИ 5 отсто, за ВЛЕН 4,4 отсто, за Левица 2,9 отсто и за ЗНАМ 1,5 отсто.
Мицкоски со највисок рејтинг, ВЛЕН пред ДУИ
Во делот за рејтинг на политички лидери, истражувањето покажува дека во последните години убедлива е предноста на Христијан Мицкоски во однос на останатите политички лидери.
Исто така се наведува дека Изет Меџити и Билал Касами, како претседатели на ВЛЕН, имаат поголем рејтинг од Али Ахмети, лидерот на ДУИ.
Ако се издвојат само определените испитаници (497 од вкупно 1.200), соодносот меѓу партиите останува сличен, покажува анализата.
Во истражувањето се наведува и дека рејтингот на ВЛЕН се приближува до поддршката на ДУИ меѓу албанските гласачи.

Методологија на истражувањето
Истражувањето е спроведено со CATI метод (Computer Assisted Telephone Interview), на репрезентативен примерок според пол, возраст, етничка припадност, регион и тип на населено место, согласно податоците од пописот од 2021 година.
Маргината на грешка изнесува ±3%, со ниво на доверба од 95 проценти.
