Во голема полициска акција што од рано утрово се спроведува во Солун, Серес и Атина, уапсени се 17 лица осомничени за измами поврзани со европски земјоделски субвенции. Според грчката полиција, тие незаконски присвоиле повеќе од 4,5 милиони евра преку злоупотреби со субвенции.
Ова е втора голема акција во Грција во последните 24 часа насочена кон криминални мрежи кои ги оштетувале финансиските интереси на Европската Унија. Вчера, во одделна полициска операција на островот Крит, беа уапсени 22 лица осомничени дека преку лажни пријави незаконски добивале земјоделски субвенции.
Грчката полиција соопшти дека членовите на групата „континуирано и организирано вршеле измами на штета на финансиските интереси на Европската Унија и националната економија“, а освен 22-цата уапсени, истрагата опфаќа уште 116 лица.
Според истражните органи, групата предизвикала штета од најмалку 2,7 милиони евра во периодот од 2019 до 2024 година, без да се пресметаат исплатите во 2025 година. Денешната акција ја спроведува Дирекцијата за борба против организиран криминал во северна Грција, а повеќе детали се очекуваат по завршувањето на операцијата.
