Безмалку четири месеци градоначалничката Данела Арсовска се нема појавено на седница на Советот на Град Скопје, информираат дел од советниците. Според Гордан Шутаров, од групата на социјалдемократите, ова е пречка за воспоставување комуникација и однос каков што доликува на скопските градски власти. Шутаров вели дека подолг период Арсовска воопшто не присуствува на седниците посветени на прашања од советниците кои, како што додава, се директен одраз на волјата на граѓаните. Нејзиното постојано образложение е дека ќе доставела писмен одговор.
„Јас лично од досега поставени 21 прашање и 21 потпрашање на седница на Совет за советнички прашања имам вкупно добиено само еден одговор, писмен. Во тој одговор паушално се наведуваат „во тек е постапката“ и „ќе бидете известени за дополнителни преземени активности“, што не е случај и не сме известени за дополнителни преземени активности. Тоа е уште една потврда дека односот на градоначалникот кон членовите на Совет коишто поставуваат прашања и коишто се грижат за граѓаните од коишто биле избрани, е на незадоволително ниво“, рече Гордан Шутаров – советник од СДСМ.
Шутаров оценува дека засега нема волја работите да се сменат на подобро. Коментирајќи ги гласините за формирање нова политичка партија на чие чело би застанала Арсовска, тој одговори:
„Не гледам како тоа може да се одрази на функционирањето на Град Скопје, освен доколку Арсовска има поголеми политички амбиции и аспирации од градоначалник на Град Скопје и доколку планира во пресрет на наредните парламентарни избори да биде кандидат или носител на определена листа. Да, тоа би значело дека во Градот Скопје ќе имаме нови вонредни избори за градоначалник“, додава Шутаров.
Инаку, Арсовска од друга страна континуирано обвинува дека Советот не дава поддршка за нејзините проекти. Но, Шутаров одговара дека во клучни моменти сите советнички групи, без разлика на политичката припадност, ги гласаат неопходните одлуки за нормално функционирање на Градот. Како пример ја посочи одлуката за дополнителни финансиски средства за ЈСП, која била на барање на Арсовска. Сега, јавниот превоз повторно се соочува со проблеми.
Извор: Netpress.com.mk.